Борците се приклучија на иницијативата за обнова на споменикот кај Дабница

Здружението Центар за стратегии и развој „ПАКТИС“ – Прилеп ја продолжува иницијативата за обновување, реставрирање и уредување на спомен обележјето од „Масакрот кај Дабница“ близу Прилеп, кој се случил на 19-ти Септември 1942–та, кога од страна на фашистички окупатор биле стрелани 19 прилепчани. Денес, 19 Септември 2014-та, кога се навршуваат 72 години од крвавиот настан, заедно со претставници од здружението на борци од НОВ, положивме свежо цвеќе на местото каде во чест на паднатите херои стоеше бронзената скулптура на авторот Димо Тодороски, која за жал е украдена и уништена во 2002 година. Истовремено, Претседателот на здружението на борци од Прилеп Благоја Чонески, искажувајќи благодарност за неодамнешната активност на здружението ПАКТИС, со која се исчисти и се отстрани отпадокот близу спомен обележјето, истакна дека се приклучуваат на иницијативата за обнова и реставрирање на скулптурата. Дополнително, во краткото обраќање пред присутните, Чоноски потенцираше дека местото кај дабнички завој, каде во заштита на информациите за одредот Димитар Влахов животите ги положиле 19 нивни соборци и современици, заслужува достојна почит и грижа. Затоа што, токму крвавиот масакр кај Дабница дал посебен импулс и силна мотивација кај прилепчани да се вклучат во народно ослободителното движење и во борбата против фашистичкиот окупатор. После 12 години од „вториот масакр“ кај Дабница и уништувањето на скулптурата, уште еднаш, заедно со организациите и граѓаните вклучени во иницијативата, упатуваме апел до надлежните и повик до сите заинтересирани, да се обнови „Споменикот на жртвите на фашизмот“. Повторно кај Дабнички завој да се исправи „бронзениот човек“ – безвременскиот сведок за непокорот на Градот херој. Со почит! Здружение Центар за стратегии и развој „Пактис“ – Прилеп