Разумот во ситуација кога општеството се наоѓа во слободен пад

Дискусиона група во склоп на проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанската непослушност

Сесија во Битола ,Тетово, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци 14.07.2014

Гости: Бранимир Стојановиќ и Ноа Трејстер (Учителот Незнајко и неговите комитети) Белград, Ивана Васева, Филип Јовановски, Јованка Попова

Дали една општествена структура која е во слободен пад (без падобран) поддржува една парадоксална ситуација каде сите оние кои ја градат неминовно се втурнати, но уште позасилено треба да одат во истата надолна линија? Дали во ваква парадоксална ситуација, самите учесници во оваа акција треба да го прифатат предизвикот на паѓањето и целосното откажување, или пак за волја на иронијата, се случува момент на освестување кој води кон растеж на крилја? Дали треба да се здружиме или пак само да ја зголемиме висината на падот за да дојдеме до безбедно тло? Ова е дискусија која се обидува да ги разгледа реалните потреби покрај многуте несигурности на овие времиња кога тешко се разпознаваат механизмите на моќ, контрола, распределба на добра. Преку неколку искуства, оваа дискусија би требало да ги отвори прашањата за неуспешноста на сопствените проекции, за колективитетот и за ентузијазмот кој за многу брзо време се сведува на двајца. Или поедноставно кажано, колку делуваме општествено?

Се соочуваме со константно вртење во ист круг од луѓе, од акции, практики коишто многу често за доминантните позиции на моќ (властите) преставуваат само уште една можност да се каже слободниот збор (којшто денес очигледно ништо не значи), наспроти слободната/критична мисла којашто би требало да го формира и менува општеството. Во таа смисла, се наоѓаме во точка кадешто е достигнат плафонот на граганското делување, ниеден протест, ниедни собрани потписи, ниедна идеја за граганско делување не допира до центрите на моќ. Општеството се наоѓа во слободен пад, прашање е од која висина паѓа за да знаеме дали воопшто има време да се отвори било каков падобран, да се мисли додека се паѓа, да се смее човек со насмевка на стјуардеса којашто знае дека нешто не е во ред со авионот?

Оваа дискусија не е само обид да се сублимираат и анализираат на едно место нештата кои што во континуитет ни се случуваат последните години во различни иницијативи и проекти на граганското општество, туку заедно да промислиме зашто не ја добиваме поддршката кога ни треба , за да оствариме нешто кое сметаме дека е вредно за сите, за заедницата, за да креираме подобро, поздраво и силно општество? Дали тоа значи дека состојбата на слободен пад е можеби највистинската состојба да се каже вистината? Дали тогаш конечно ќе почнеме со експериментирање и конечно ќе ризикуваме? Толку е, крај, нема што да се изгуби веќе.

Дали состојбата на непослушност е состојба на конечно делување, единствено делување? „Личноста може да стане слободна преку непослушноста, учејќи се да и се спротивставува на моќта. Но, не е само способноста за непослушност услов за слобода; и слободата е услов за непослушност. Доколку се плашам од слободата, јас не се осмелувам да речам “не” и неможам да имам храброст за непослушност. Слободата и способноста за непослушност се неразделни; оттаму, секој општествен, политички и религиозен систем што прокламира слобода, а ја сузбива непослушноста, не може да ја говори вистината. (Ерик Фром, “За Непослушноста и други есеи”)

Оваа дискусија има за цел да ги обедини сите оние слободни падови чијашто сила зависи не само од висината на падот, туку и од масата со кое тоа тело (поединец, група, колектив) паѓа кон целта! Ќе ја зголемиме ли масата или висината на падот?

Настанот е дел од проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност – долгорочен кураторски проект кој подразбира процес на собирање и дистрибуирање на литература која се однесува на граѓанска партиципативност, активност и реакција по пат на донации од индивидуалци, претставници на невладиниот сектор и организации и здруженија кои се согласни да делуваат во насока на градењето на отворено и современо демократско општество.

Живата библиотека претставува отворена збирка од колективно знаење формирано од страна на самите граѓани. Таа постојано се гради и надополнува, преиспитувајќи ја идејата за тоа што претставува „знаењето“ и како тоа се манифестира во услови на радикални промени во социо-политички контекст.

Проектот е подржан од: Фондацијата отворено Општество Македонија (ФООМ)

*Дискусионата група „Како завладува разумот во ситуација кога општеството се наоѓа во слободен пад?“ е дел од програмската рамка „ЗА ЗАЕДНИЦАТА“ која е развиена во соработка со Роберт Алаѓозовски, Бранимир Стојановиќ и Ноа Трејстер (Учителот Незнајко и неговите комитети) и Билјана Тануровска- Ќулавковски како партнери во проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност . Иако зборот “заедница” (community) е дел од секојдневниот јазик и се чини дека неговото значење е општопознато, сепак тој е основа на многу различни концепти: комунизмот, со своето барање за рамноправност и еднаквост, на етнички групи, на родови заедници, на политички заедници, на субкултурни заедници и со него се нагласуваат не само границите, меѓите и разликите туку и бивствувањето-во-заедница. Дали суштината на концептот на заедница може да се одвои од неговиот начин на постоење?