Прва кампања

Здружението Центар за стратегии и развој ПАКТИС започна кампања за поткревање на јавната свест кај граѓаните на општина Прилеп за штетните последици по животната средина и по здравјето на граѓаните од неправилното одлагање на одпадот. Врз база на заклучоци од експерти по животна средина и здравствени работници, кампањата има за цел потенцирање на директната поврзаност помеѓу неправилното постапување и одлагање на отпадот со порастот на хроничните заболувања и карцином, претежно кај младата популација.

Информативните брошури кои беа поделени на јавноста и постерите поставени на видливи места, вклучуваат пораки до граѓаните да внимаваат на времето на распаѓање на отпадните материјали и што да направат за да ја намалат количината на отпад.

Посебно се потенцира несовесното фрлање на отпад и проблемот со дивите депонии, кои се причина за низа епидемиолошки заболувања и директни загадувачи на водите, бавчите и пасиштата. Со кампањата граѓаните се предупредени, исто така за штетите од палењето на отпадот на отворен простор, особено што во такви случаи се испушта отровната и канцерогена материја, диоксин.