“Заслужуваме подобро!” е граѓанска акција во која ние, граѓаните, зборуваме за нашите секојдневни проблеми и за нашата итна потреба од подобар живот. Ние веруваме во капацитетите на ова општество, во разумот на граѓаните и тргнувајќи од нашите права и потреби бараме итна промена на начинот на управување со државата во правец на обезбедување подобра живејачка и подобри услови во нашите градови и села.
Со нашите активности ќе ја пополнуваме празнината што се создаде меѓу акивностите на политичарите, договорот од Пржино и реалните барања и секојдневието на граѓаните. Ние, граѓаните, имаме право гласно и јавно да зборуваме за политиката, зашто нашиот живот и нашето секојдневие се политика. Нашиот глас е важен секој ден, а не само на денот на избори.
Власта треба да одговара на нашите потреби и прашања без разлика дали ја поддржуваме или не. Политиката ни припаѓа нам, на граѓаните и имаме право да ја критикуваме власта и од неа да бараме да биде подобра или да си замине.
Оваа наша иницијатива се темели на теренски разговори и директна комуникација со граѓаните, а ја спроведуваат повеќе од 200 граѓански активисти од 70-тина граѓански организации во 30-тина поголеми населени места во Република Македонија.
Бараме подобро бидејќи заслужуваме подобро!